Европскиот првак Шпанија е првата репрезентација што обезбеди пласман во финалето на Светското фудбалско првенство во САД, Канада и Мексико.
Во првиот полуфинален натпревар, одигран во Далас, шпанската селекција го совлада светскиот вицепрвак Франција со 2-0 и заслужено избори место во мечот за титулата.
„Триколорите“ не наликуваа на себе во првото полувреме, во кое упатија само два удари кон противничкиот гол, но ниту еден во рамките. Шпанија, пак, ја контролираше играта, имаше поголем посед на топката и целосна надмоќ на средината од теренот.
Во 19. минута, Лука Дињ направи прекршок над Ламин Јамал во шеснаесетникот, по што судијата Иван Бартон покажа на белата точка. Микел Ојарзабал беше сигурен реализатор и ѝ донесе водство од 1-0 на „црвената фурија“.
И во второто полувреме сликата на теренот остана непроменета. Франција делуваше безидејно, додека Шпанија продолжи да игра конкретно и организирано.
Во 58. минута, по одлична комбинација со Дани Олмо, Педро Поро ја затресе француската мрежа и го постави конечниот резултат од 2-0.
Само две минути подоцна топката повторно заврши зад грбот на францускиот голман, но погодокот на Јамал беше поништен поради офсајд.
За Шпанија ова ќе биде второ финале на светските првенства. Во своето прво финале, во 2010 година во Јужна Африка, шпанската репрезентација ја освои својата единствена светска титула.
Противникот на Шпанија во финалето, кое ќе се одигра на 19 јули во Њу Џерси, ќе биде познат по второто полуфинале меѓу актуелниот светски шампион Аргентина и Англија.








