ПРВ.мк
Македонија

ГОЛЕМИ ПРОМЕНИ ЗА ВОЗАЧИТЕ: Државата подготвува нови правила и воведува паметни системи на патиштата!

ГОЛЕМИ ПРОМЕНИ ЗА ВОЗАЧИТЕ: Државата подготвува нови правила и воведува паметни системи на патиштата!

Македонија се подготвува за значајни промени во патниот сообраќај, откако ќе бидат изменети пет закони со цел да се овозможи воведување интелигентни транспортни системи (ИТС). Со овие новини се очекува да се подобри безбедноста на патиштата, поефикасно управување со сообраќајот и навремено информирање на возачите за состојбата на патиштата.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски информираше дека законските измени се дел од обврските од реформската агенда и се подготвуваат во соработка со Министерството за внатрешни работи, Министерството за локална самоуправа и Европската Унија.

„Едно од барањата во реформската агенда е воведување интелигентни транспортни системи. Во моментов веќе работиме на измена на пет закони кои ќе овозможат нивна примена“, изјави Николоски.

Проектот ќе се реализира со поддршка од Светската банка и грант од 13 милиони евра обезбеден преку механизмот за поддршка на Западен Балкан.

Во првата фаза, паметните транспортни системи ќе бидат поставени на Коридорот 10, додека во наредниот период е предвидено нивно проширување и на Коридорот 8.

За Коридорот 10 веќе е изработена проектна документација која предвидува воведување на повеќе современи технологии. Меѓу нив се систем за автоматска контрола на тежината на товарните возила во движење (WIM), систем за следење на возила што превезуваат опасни материи (HAZMAT), како и систем за мерење на загадувањето на воздухот долж автопатот А1 (Е75).

Покрај тоа, ќе биде формиран и Национален центар за управување со сообраќајот (НЦУС), кој ќе има задача во реално време да го следи движењето на сообраќајот на државните патишта, да ги координира активностите и да обезбедува информации за возачите за состојбата на патиштата, временските услови, евентуалните застои и можните опасности.

Според најавите, новиот центар ќе биде сместен во објектот на Јавното претпријатие за државни патишта во Петровец и ќе претставува еден од клучните чекори кон модернизација на сообраќајната инфраструктура во земјата.