ПРВ.мк
Свет

Ескалација во Ормутскиот теснец: Ракетен напад врз танкери, има загинат член на екипажот

Ескалација во Ормутскиот теснец: Ракетен напад врз танкери, има загинат член на екипажот

Тензиите на Блискиот Исток дополнително се заострија откако два нафтени танкери беа погодени во Ормутскиот теснец, при што загина еден морнар, а уште осум членови на екипажот беа повредени.

Според соопштението на Обединетите Арапски Емирати, двата танкери биле погодени од ирански крстосувачки ракети додека пловеле низ теснецот, во омански територијални води. Загинатиот е индиски државјанин, додека четворица од повредените се во тешка состојба.

По нападот избувнал пожар на двата брода, но екипажите успеале да го стават под контрола. Дел од членовите на екипажот биле евакуирани, а по неколку лица сè уште се трага.

Иранската Револуционерна гарда потврди дека ги гаѓала танкерите, тврдејќи дека пловеле по „нелегална рута“ и ги игнорирале предупредувањата на иранските власти. Од друга страна, Обединетите Арапски Емирати го осудија нападот како грубо кршење на меѓународното право и најавија дека го задржуваат правото на соодветен одговор.

Ормутскиот теснец е една од најважните светски поморски рути, низ која поминува значителен дел од глобалниот извоз на нафта и природен гас. Новата ескалација дополнително ги зголеми стравувањата од нарушување на енергетските пазари и нов раст на цените на нафтата.