Од денес официјално стапуваат во сила измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кои се воведуваат построги правила за користење на електричните тротинети.
Според новите одредби, електричен тротинет ќе можат да управуваат само лица кои наполниле 18 години, наместо досегашната старосна граница од 14 години.
Законот пропишува максимална брзина од 20 километри на час на велосипедски патеки, додека на тротоари, пешачки и мешани патеки останува ограничувањето од 6 километри на час.
Возачите ќе мора да слезат од тротинетот и да го туркаат при преминување на улица или пешачки премин доколку на тоа место нема велосипедска патека или лента. Дополнително, забрането е превезување второ лице на тротинетот, а во случај на прекршување ќе бидат санкционирани и возачот и патникот.
Носењето заштитен шлем е задолжително за сите возачи, а и понатаму останува обврската за користење рефлектирачки елек при возење ноќе или во услови на намалена видливост.
Освен парични казни, новите законски измени предвидуваат и привремено одземање на електричниот тротинет до 30 дена за одредени прекршоци. Доколку прекршокот го направи малолетно лице, одговорност ќе сносат неговите родители или старатели.








