ПРВ.мк
Црна Хроника

ДАЛИ ЛЕКАРКАТА ГО ЛАЖЕЛА СЕМЕЈСТВОТО НА КРИСТИЈАН? Нови детали за ноќта кога почина во Јанкомир

ДАЛИ ЛЕКАРКАТА ГО ЛАЖЕЛА СЕМЕЈСТВОТО НА КРИСТИЈАН? Нови детали за ноќта кога почина во Јанкомир

Нови информации за трагичната смрт на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш во психијатриската болница „Свети Иван“ во Загреб отвораат сериозни прашања за тоа што медицинскиот персонал му соопштил на неговото семејство во ноќта кога починал.

Според информациите објавени од хрватски „Индекс“, семејството по смртта на Кристијан добило објаснување дека тој бил агресивен, дека медицинските техничари го врзале за кревет и дека потоа престанал да дише.

Но, дополнителни сомневања се појавиле кога неговите најблиски забележале модринки околу вратот, ранички под усната и траги од крв на телото.

Според сведоштвото на неговата сестра пред истражителите, дежурната лекарка им објаснила дека повредите настанале при интубација, односно медицинска постапка за обезбедување на дишните патишта.

„Индекс“ објавува дека, според неговите информации, станува збор за докторката Силвана Јелавиќ.

Сестрата на Кристијан уште на 22 октомври, еден ден по неговата смрт, дала исказ во полицијата за разговорот со болничкиот персонал.

Особено внимание привлекува фактот што снимките од видеонадзорот, според објавените информации, прикажуваат физичко совладување на Кристијан, при што медицинските техничари вршеле притисок и во пределот на неговиот врат.

Поради тоа се поставува прашањето дали забележаните повреди настанале при интервенцијата или за време на медицинските обиди за реанимација.

Засега нема потврда дека лекарката свесно му дала неточни информации на семејството. Не е утврдено ниту дали таа била присутна во собата за време на спорната интервенција.

Конечните одговори се очекуваат од судско-медицинското вештачење, кое во моментот на објавувањето на информациите сè уште не било завршено.

За смртта на Кристијан четворица медицински техничари се под истрага поради сомнение за тешко убиство.