ПРВ.мк
Свет

ВНИМАВАЈТЕ НА ВИДЕОПОВИЦИТЕ: Хакери користеле лажни Зум и Мајкрософт Тимс за да ги измамат корисниците

ВНИМАВАЈТЕ НА ВИДЕОПОВИЦИТЕ: Хакери користеле лажни Зум и Мајкрософт Тимс за да ги измамат корисниците

Американското Федерално истражно биро (ФБИ) предупреди на нова опасна хакерска кампања, во која групи поврзани со Северна Кореја користеле лажни видеоповици за тајно снимање луѓе и кражба на криптовалути.

Според ФБИ, хакерите во изминатите 18 месеци успеале да украдат повеќе од 400 милиони долари преку измамничка операција наречена „FaceStealer“.

Нападите се спроведувале преку лажни верзии на популарните платформи за видеоконференции, како Zoom, Microsoft Teams и Google Meet.

Измамата започнувала со покана за видеоповик испратена од вистински контакт на жртвата, чиј профил претходно бил хакиран.

За време на разговорот, напаѓачите пуштале претходно снимени видеа од познати лица за да создадат впечаток дека станува збор за вистински состанок.

Истовремено, без знаење на жртвата, ја снимале и нејзината веб-камера.

Потоа на екранот се појавувало лажно известување за техничка грешка, со барање корисникот да отвори линк за да го реши проблемот.

На тој начин хакерите ги наведувале жртвите да инсталираат злонамерен софтвер, преку кој добивале пристап до нивните компјутери, криптовалути и комуникациски профили.

ФБИ соопшти дека во рамките на истрагата запленило повеќе од 900 видеоснимки направени преку веб-камерите на жртвите.

Дополнителна опасност претставува употребата на вештачка интелигенција, со која хакерите создавале лажни видеа од познати личности од светот на криптовалутите.

Американските власти ја поврзуваат кампањата со севернокорејската група „Sapphire Sleet“, позната и како UNC1069.

ФБИ предупредува граѓаните да не отвораат сомнителни линкови и да не инсталираат софтвер по инструкции добиени за време на неочекувани видеоповици, дури и кога поканата изгледа дека доаѓа од познато лице.