ПРВ.мк
Свет

ДРАМА НА КИЛОМЕТАР И ПОЛ ОД БЕЛАТА КУЌА: Двајца мртви, четворица ранети по пукање во Вашингтон

ДРАМА НА КИЛОМЕТАР И ПОЛ ОД БЕЛАТА КУЌА: Двајца мртви, четворица ранети по пукање во Вашингтон

Вистинска драма се одвиваше во Вашингтон, на околу километар и пол од Белата куќа, откако вооружен маж отвори оган во фитнес-центар и на улица, при што едно лице загина, а четворица беа повредени.

Инцидентот се случил во четвртокот, 12 ноември, околу осум часот наутро по локално време, во популарната населба Логан Серкл.

Според американските медиуми, напаѓачот влегол во фитнес-центарот „VIDA Fitness“, каде што застрелал еден маж, а потоа излегол надвор и продолжил да пука.

По нападот се засолнил во стан во зградата над фитнес-центарот, по што полицијата започнала голема безбедносна операција.

На терен биле распоредени специјалните полициски единици SWAT, агенти на ФБИ и други федерални служби, додека снајперисти биле поставени на покривите на околните згради.

Полицијата го блокирала поширокото подрачје, а на граѓаните им биле испратени итни предупредувања да останат во затворени простории и подалеку од прозорците. Биле преземени и мерки за обезбедување на блиските училишта.

Сведоци раскажуваат дека луѓето панично бегале по слушањето на истрелите, а дел се засолниле во блиските објекти.

Според најновите информации од американската полиција, едно лице загинало, четворица се ранети, а напаѓачот подоцна бил пронајден со прострелна рана во станот каде што се забарикадирал.

Неговата смрт е потврдена, а според првичните сознанија се сомнева дека самиот си ја нанел смртоносната повреда.

Полицијата соопшти дека непосредната опасност е отстранета и дека наредбата граѓаните да останат во затворен простор е укината.

Мотивот за нападот сè уште се истражува. Според досегашните информации, нема индиции дека пукањето било поврзано со Белата куќа или со американскиот претседател Доналд Трамп.