Нови сериозни обвинувања за постапувањето со пациенти во психијатриските установи во Хрватска изнесе мајка на 11-годишно девојче, која тврди дека нејзината ќерка доживеала понижување, заплашување и несоодветен третман во Психијатриската болница за деца и младинци во Загреб.
Според нејзиното сведоштво за „Дневник на Нова ТВ“, девојчето самостојно побарало стручна помош откако развило самоубиствени мисли поради врсничко насилство и сексуално вознемирување во училиштето.
Мајката тврди дека наместо очекуваната поддршка, детето било изложено на навреди и закани од дел од медицинскиот персонал.
„Кога кажа дека има самоубиствени мисли, ѝ рекоа: Добро, тогаш ќе те врземе“, раскажала мајката.
Според неа, девојчето повеќепати барало разговор со лекар, но било упатувано да почека, додека во меѓувреме добивало медикаментозна терапија.
Мајката изнела обвинувања и против психијатарот кој го водел лекувањето, тврдејќи дека нејзините поплаки за однесувањето на персоналот не биле соодветно разгледани.
По шест дена престој, таа одлучила да ја повлече ќерката од болницата.
„Од болницата излезе во многу полоша состојба отколку кога влезе“, изјавила мајката, додавајќи дека на девојчето му бил потребен дополнителен период на закрепнување со стручна помош.
Подоцна детето го продолжило образованието во друго училиште, каде што, според мајката, добило подобра поддршка.
Случајот привлече внимание во период кога хрватската јавност веќе расправа за безбедноста и третманот на пациентите во психијатриските установи.
„Дневник на Нова ТВ“ испратил прашања до Министерството за здравство и раководството на болницата. Во моментот на објавување на текстот, нивните одговори сè уште не биле пристигнати.






