ПРВ.мк
Црна Хроника

НОВ ПРЕСВРТ ВО СЛУЧАЈОТ СО КРИСТИЈАН: Директорката поднесе оставка, по неа заминуваат уште двајца функционери

НОВ ПРЕСВРТ ВО СЛУЧАЈОТ СО КРИСТИЈАН: Директорката поднесе оставка, по неа заминуваат уште двајца функционери

Нови оставки ја потресоа Клиниката за психијатрија „Свети Иван“ во загрепската населба Јанкомир, по трагичната смрт на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш, за која четворица медицински техничари се осомничени за тешко убиство.

Градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, потврди дека покрај директорката на болницата, Мајда Грах, оставки поднеле и нејзината заменичка и помошникот за медицинска нега.

Грах поднела оставка на 12 ноември, а Управниот совет ја прифатил нејзината одлука.

Според Томашевиќ, директорката се повлекла за да спречи дополнителна штета врз угледот на болницата и да овозможи нејзино нормално функционирање.

Тој нагласи дека мора детално да се истражат сите околности околу смртта на Кристијан, кој почина на 21 октомври во установата.

„Одговорноста на апсолутно никого не е исклучена“, порача градоначалникот.

Томашевиќ ги отфрли обвинувањата дека порано знаел за околностите на смртта, тврдејќи дека првично добил информација за случај што се истражува, без сознанија за сомневање за кривично дело.

Тој отвори прашања и за постапувањето на здравствената инспекција, посочувајќи дека семејството на Кристијан поднело пријава уште на 23 октомври.

Градоначалникот изрази сомнеж и во можноста болницата самостојно да спроведе целосен внатрешен надзор, наведувајќи дека постојат сомневања за прикривање информации и неточни искази.

Во меѓувреме, инспекциските и стручните контроли продолжуваат, додека четворицата осомничени медицински техничари се наоѓаат во истражен притвор.

Надлежните институции треба да утврдат дали, покрај евентуалната индивидуална кривична одговорност, постоеле и системски пропусти во работата на болницата.