Нови вознемирувачки сведоштва за постапувањето со пациенти во психијатриската болница „Свети Иван“ во загрепската населба Јанкомир излегоа во јавноста по трагичната смрт на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш.
Неколку поранешни пациенти и членови на нивните семејства за хрватски „Индекс“ раскажале за наводни случаи на понижување, несоодветно физичко совладување и занемарување на пациенти.
Една жена, која престојувала на затворениот женски оддел во февруари годинава, доставила фотографија на која се гледа пациентка врзана за болнички кревет, облечена само во долна облека, додека вратата од собата била отворена.
„Се прашував дали човек има барем малку достоинство. Таа глетка ми остана во сеќавањето“, изјавила поранешната пациентка.
Друг маж тврди дека за време на неговиот престој во септември видел постар пациент кој, додека бил врзан за душек, паднал на подот и останал таму најмалку четири часа, повикувајќи помош.
Според неговото сведоштво, медицинскиот персонал реагирал дури со пристигнувањето на утринската смена.
За „Индекс“ проговорила и мајка на момче кое минатата година, на 17-годишна возраст, било хоспитализирано во истата болница.
Таа тврди дека медицински техничари го собориле нејзиниот син на подот и му го притискале вратот со колено додека му давале инјекција. Според мајката, момчето чувствувало болки во вратот две недели.
Сепак, во јавноста се појавиле и поинакви сведоштва. Дел од поранешните пациенти истакнале дека добиле соодветна медицинска помош и имале позитивни искуства со вработените.
Еден од нив изјавил дека престојот во болницата му помогнал да ја стабилизира здравствената состојба, додека друга пациентка напишала дека лекувањето ѝ го спасило животот.
„Индекс“ побарал одговор од раководството на болницата за изнесените обвинувања, но до објавувањето на текстот не добил одговор.
Сведоштвата се појавуваат во период кога продолжува истрагата за смртта на Кристијан Периш, за која четворица медицински техничари се осомничени за тешко убиство.







