ПРВ.мк
Црна Хроника

ПО СМРТТА НА КРИСТИЈАН ПРОГОВОРИ ТЕХНИЧАР КОЈ ГО ПОЗНАВАЛ ОД 2019 ГОДИНА: „Системот потфрли, одговорноста е ПОГОЛЕМА“

ПО СМРТТА НА КРИСТИЈАН ПРОГОВОРИ ТЕХНИЧАР КОЈ ГО ПОЗНАВАЛ ОД 2019 ГОДИНА: „Системот потфрли, одговорноста е ПОГОЛЕМА“

Нови сведоштва за работата на психијатриската болница „Свети Иван“ во Загреб излегоа во јавноста, откако медицински техничар кој учествувал во интервенција врз Кристијан Јосип Периш во 2019 година проговори за условите во установата.

Во ексклузивно интервју за РТЛ, техничарот, чиј идентитет е заштитен, раскажа дека добро се сеќава на тогашната хоспитализација на Кристијан.

„Тој момент го паметам и ќе го паметам уште долго“, изјави тој.

Според неговото сведоштво, Кристијан тогаш бил силно вознемирен, а персоналот бил повикан да интервенира на одделението.

Техничарот тврди дека најголемиот проблем бил недостигот од медицински кадар, поради што немале соодветни услови за безбедно физичко совладување на пациентот.

Тој откри дека за време на интервенцијата користел двојни ремени за врзување бидејќи не бил сигурен дали постојната опрема ќе издржи.

Особено внимание предизвика неговата изјава за користењето перници при интервенции.

Според техничарот, персоналот понекогаш користел перница како импровизирана заштита од каснување или плукање, но нагласи дека таа не треба да се притиска врз лицето на пациентот.

Коментирајќи ги снимките од интервенцијата што ѝ претходела на смртта на Кристијан, тој порача дека не го оправдува прикажаното насилство.

„Навистина не можам да најдам зборови со кои би го оправдал таквиот начин на постапување“, изјави техничарот.

Тој смета дека одговорноста за трагедијата не треба да се разгледува само кај непосредните учесници, туку и во поширокото функционирање на болницата.

Како сериозни проблеми ги посочи недостигот од стручен персонал, преоптовареноста на вработените и несоодветните работни услови.

Во меѓувреме, истрагата за смртта на 32-годишниот Кристијан продолжува, а четворица медицински техничари се осомничени за тешко убиство. Нивната кривична одговорност допрва треба да се утврди.