ПРВ.мк
Македонија

НОВ ЗАКОН ПРОТИВ СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО: Тошковски откри кои мерки ќе се воведуваат во Македонија

НОВ ЗАКОН ПРОТИВ СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО: Тошковски откри кои мерки ќе се воведуваат во Македонија

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, најави нови законски мерки за заштита на жртвите на семејно насилство, меѓу кои и воведување електронски алки за следење на насилниците.

Во интервју за телевизија Сител, Тошковски истакна дека секоја жена, мајка и ќерка треба најбезбедно да се чувствува во сопствениот дом, а институциите мора да обезбедат навремена и ефикасна заштита.

Според министерот, новото законско решение веќе е доставено до Собранието, а на неговата подготовка се работело повеќе од пет месеци, во соработка со експерти, обвинители, судии и невладини организации.

Предложените измени предвидуваат поголеми овластувања за побрза полициска интервенција, како и можност за електронско следење на осомничени лица и лица за кои судот ќе донесе соодветна одлука.

„Ова законско решение нема да ја реши состојбата со семејното насилство, но гарантирам дека ќе даде подобри резултати од оние што ги имаме сега“, изјави Тошковски.

Министерот соопшти и дека во 2026 година бројот на изречени мерки притвор поврзани со семејно насилство е зголемен за 270 проценти, при што 163 лица биле или сè уште се во притвор.

Според неговите податоци, бројот на кривични постапки е зголемен за околу 50 проценти во споредба со претходната година.

Тошковски смета дека поголемиот број пријави може да биде поврзан и со зголемената подготвеност на жртвите да побараат институционална заштита.

Тој посочи дека е можно дел од приходите од сообраќајните казни да се искористат и за финансирање на електронските алки.

Министерот изрази очекување дека Собранието наскоро ќе ги усвои предложените измени, нагласувајќи дека ниту еден закон сам по себе не може целосно да го искорени семејното насилство.