За учебната 2025/2026 година ќе бидат доделени 1.570 стипендии за ученици запишани во дуалните паралелки, а за оваа намена Владата обезбеди повеќе од 800.000 евра, односно 50 милиони денари.
Секој ученик кој ги исполнува условите ќе добива по 3.500 денари месечно во текот на учебната година (9 месеци).
Од Владата истакнуваат дека со оваа мерка се стимулираат младите да продолжат образование во дуалните паралелки, кои се развиваат во соработка со реалниот сектор. Во процесот се вклучени 550 компании кои ќе ја спроведуваат практичната обука на учениците.
Целта е да се создадат квалификувани кадри кои, доколку не продолжат со повисоко образование, ќе имаат можност за вработување во компаниите по завршувањето на средното училиште.
„Со ова ја намалуваме невработеноста и ги стимулираме младите да ги усовршат практичните вештини за да бидат поконкурентни на пазарот на труд. Образованието е клучен столб за развојот на Македонија, а квалитетното и реформирано образование ќе ги задржи младите да ја градат иднината тука“, велат од Владата.