Американскиот претседател Доналд Трамп испрати остра порака до Иран од самитот на Г7 во Канада, повикувајќи ги на итни преговори пред ситуацијата да излезе од контрола. „Го поканувам Иран да преговара што е можно поскоро, пред да биде предоцна. Работата е јасна – Иран не смее да има нуклеарно оружје“, изјави тој.
Трамп тврди дека Иран веќе е „на преговарачка маса“ и дека договорот е блиску, но остана нејасен за деталите и за ескалацијата меѓу Техеран и Тел Авив. „Штом ќе заминам од тука, ќе направиме нешто“, додаде тој.
На самитот се појавија и несогласувања околу санкциите за Русија и трговската војна со Кина. Европските лидери побараа построг став кон Москва, но Трамп повтори: „Мора да почекате. Санкциите не се толку едноставни.“
Тој ќе ја напушти Канада порано од предвиденото поради, како што наведуваат од Белата куќа, „итни прашања од Блискиот Исток“.