Пожар избувна во реонот на познатиот Рилски манастир во Бугарија, на околу еден километар од Кирилова Полјана, соопштија бугарските власти.
Според првичните информации, огнот најверојатно бил предизвикан од удар на гром за време на невремето што го зафатило подрачјето во текот на ноќта.
На терен се екипи од Природниот парк „Рилски манастир“, претставници на самиот манастир, како и припадници на бугарската противпожарна служба.
Голем проблем при интервенцијата претставува тешко пристапниот терен, поради што се подготвува и употреба на специјализирана технологија за гаснење.
Според информациите на надлежните, во акцијата се планира да биде вклучен дрон опремен со систем за гаснење со вода. Дронот има капацитет да носи до 80 литри вода и треба да помогне во справувањето со огнот на местата до кои екипите потешко можат да стигнат.
Надлежните апелираат до граѓаните и туристите да бидат особено внимателни при движење низ шумските подрачја. Секој забележан чад или пожар треба веднаш да биде пријавен на бројот за итни случаи 112.
Иако во делови од регионот претходно имало врнежи, властите предупредуваат дека опасноста од избувнување нови пожари и натаму останува висока.









