На социјалните мрежи се појави потресна снимка од моментите пред превртувањето на патничкиот ферибот „Фило Џет“ во водите кај Кипар, на кој се наоѓале 267 лица.
На видеото се гледа голема вознемиреност меѓу патниците, кои се обидуваат да дојдат до елеци за спасување, додека во позадина се слуша плачење на деца.
Според последните официјални информации наведени во извештаите, најмалку девет лица загинале, а 237 биле спасени. Потрагата по останатите продолжува.
Меѓу повредените има и три деца кои се сместени на интензивна нега. Според досегашните информации, нивните животи не се во опасност.
Фериботот потонал на 514 метри длабочина
Ситуацијата дополнително ја отежнува фактот што бродот во меѓувреме целосно потонал и се наоѓа на длабочина од околу 514 метри.
Во големата операција за пребарување и спасување се вклучени турските и кипарско-турските служби, хеликоптери и повеќе пловила. Властите на Република Кипар, од јужниот дел на островот, исто така понудиле помош.
„Фило Џет“ се преврте кратко откако исплови од пристаништето Киренија на северот на Кипар.
Причината за несреќата сè уште се истражува. Во рамки на истрагата, според објавените информации, приведени се капетанот и седум членови на екипажот.
Истражните органи треба да утврдат што точно се случувало на бродот во критичните моменти и што довело до една од најтешките поморски несреќи во регионот во последно време.
Видео:









