ПРВ.мк
Наука/Технологија

Модерна и Мерк со важен пробив: Вакцина против рак може да отвори ново поглавје во онкологијата

Модерна и Мерк со важен пробив: Вакцина против рак може да отвори ново поглавје во онкологијата

Персонализираната мРНК вакцина против меланом на Модерна и Мерк покажува ветувачки резултати и отвора можност сличниот пристап во иднина да се применува и кај други видови рак.

За разлика од превентивните вакцини, оваа терапија е наменета за пациенти кои веќе имале рак. Таа се изработува индивидуално, врз основа на специфичните мутации во туморот на конкретниот пациент, со цел имунолошкиот систем подобро да ги препознае и нападне канцерогените клетки.

Модерна и Мерк соопштија дека во големо клиничко испитување со повеќе од 1.000 пациенти со меланом, комбинацијата на персонализираната вакцина и имунотерапијата пембролизумаб, позната под трговското име „Кеитруда“, покажала позитивни резултати во спречувањето на враќањето и ширењето на болеста.

Станува збор за пациенти на кои туморот претходно им бил хируршки отстранет, но кај кои постоел висок ризик болеста повторно да се појави.

Секој пациент добива вакцина создадена за неговиот тумор

Пристапот значително се разликува од класичната хемотерапија. Научниците ги анализираат генетските карактеристики на туморот и создаваат персонализирана мРНК вакцина која го насочува имунолошкиот систем кон специфични туморски мутации.

Терапијата на Мерк и Модерна, позната како интисмеран автоген, се комбинира со пембролизумаб. Пациентите можат да примат до девет дози од персонализираната вакцина и до девет дози имунотерапија.

Петгодишните податоци од претходно испитување во средна фаза покажале дека комбинацијата го намалила ризикот од повторно појавување на болеста за околу половина во споредба со пембролизумаб самостојно, додека ризикот од ширење на ракот на други места бил намален за 59%.

Сепак, целосните резултати од поголемото испитување сè уште не се објавени, а пациентите продолжуваат да се следат за да се утврди и влијанието врз вкупното преживување.

Следни се и други видови рак

Истражувањата веќе не се ограничени само на меланомот. Модерна и Мерк ја испитуваат технологијата кај недребноклеточен рак на белите дробови, а тестирања се спроведуваат и кај рак на мочниот меур, бубрезите, панкреасот и желудникот.

Паралелно, Рош и Бајонтек развиваат слична персонализирана мРНК терапија која се испитува кај пациенти со рак на дебелото црево и панкреасот по операција.

Експертите оценуваат дека позитивните резултати кај меланомот се важна потврда дека персонализираните мРНК вакцини имаат потенцијал како нова алатка во онкологијата.

Сепак, станува збор за терапии кои сè уште минуваат низ клинички испитувања. Тие не претставуваат универзална вакцина што спречува појава на сите видови рак, ниту досегашните резултати значат дека технологијата ќе биде еднакво успешна кај секој тумор. Следните големи клинички студии ќе покажат колку широко ќе може да се применува овој пристап.