ПРВ.мк
Наука/Технологија

ШТО СЕ СЛУЧУВА?: Владите низ светот ги исклучуваат веб-сајтовите, милиони напади во секунда!

ШТО СЕ СЛУЧУВА?: Владите низ светот ги исклучуваат веб-сајтовите, милиони напади во секунда!

Метју Принс, извршен директор на големата американска технолошка компанија „Клаудфлер“ (Cloudflare), објави дека се забележани „милиони“ обиди за експлоатација на веб-сајтови низ целиот свет откако се појавила „критично важна“ безбедносна грешка што влијаела врз веб-страниците.

„Скај њуз“ наведува дека голем број веб-сајтови кои им припаѓаат на влади и компании во средата ја обуставиле работата во рамките на безбедносните мерки, откако било издадено итно ажурирање на софтвер поради ранливост во PHP, програмскиот јазик што во голема мера се користи на интернет.

Програмерите на PHP наведоа дека сетот нови ажурирања кои ги коригираат двете претходно идентификувани критични ранливости сега е достапен и силно ги охрабрија корисниците веднаш да го ажурираат софтверот.

Нагол скок на бројот на напади

Принс ја напиша драматичната вест на социјалната мрежа X:

„Во десетте часа пред јавно да биде објавено, низ мрежата видовме илјадници обиди за експлоатација. Тоа скокна на десетици илјади за 45 минути по објавата, стотици илјади во рок од два часа, а сега се милиони“, наведе тој.

Од компанијата „Амазон веб сервисeз“ (Amazon Web Services) соопштија дека оваа грешка на PHP сега „широко се експлоатира“ и било откриено дека хакерите осомничени за нападите се обиделе да ја искористат ранливоста на тој програмски јазик со денови пред проблемот јавно да биде објавен.

Алп Токер, експерт за сајбер-безбедност и директор во компанијата „Нетблокс“ (NetBlocks), изјави за „Скај њуз“ дека хакерите кои сакаат да ја искористат моменталната ситуација се обидуваат да ги нападнат компаниите кои настојуваат да ја коригираат грешката на PHP.

Официјалните лица за сајбер-безбедност рекоа дека оние кои не се во можност да ги применат софтверските закрпи треба да размислат за привремено отстранување на своите веб-сајтови.

Токер предупреди дека актуелниот проблем има „многу големо влијание“ и додаде дека нарушувањата што ги предизвикале злонамерните актери, а кои досега биле „ограничени“, би можеле да станат „сè пораширени“.

„Ова значи дека секој на интернет во суштина може да пристапи до вашиот веб-сервер доколку користите (PHP) софтвер“, изјави тој за британската телевизија.

Оние кои ја пронашле грешката ја чувале долго во тајност

Тој рече дека ризикот од напади „бил многу ограничен, бидејќи луѓето кои ја пронашле ранливоста ја чувале во тајност доста долго време, но во последните неколку дена таа слободно се прошири“.

Токер додаде дека агентите на вештачка интелигенција би можеле „многу полесно да го копираат нападот“, предупредувајќи дека ова е „само почеток на поширок бран напади“.

„Овие системи ќе продолжат да бидат загрозени – од месец во месец, од година во година“, заклучи тој.

Владини веб-сајтови надвор од мрежата

Веб-сајтови поврзани со влади низ Европа во средата беа надвор од мрежата бидејќи организациите што стојат зад нив побрзаа да ги заштитат системите, иако некои од веб-страниците сега се повторно во функција.

Канцеларијата за буџетска одговорност (OBR) на Велика Британија соопшти дека го отстранила својот веб-сајт „поради критични безбедносни проблеми кои влијаат врз PHP“.

Во меѓувреме, Американската национална безбедносна агенција (NSA) и Австралискиот центар за сајбер-безбедност ги повикаа организациите да останат будни и да применуваат ажурирања каде и да е можно.