ПРВ.мк
Македонија

СУДЕЊЕТО ПРОДОЛЖУВА И БЕЗ ИВА МИХАИЛОВА: Ќе ѝ се суди во отсуство по бегството во Бугарија!

СУДЕЊЕТО ПРОДОЛЖУВА И БЕЗ ИВА МИХАИЛОВА: Ќе ѝ се суди во отсуство по бегството во Бугарија!

Судскиот процес против Ива Михаилова, обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици, ќе продолжи и без нејзино присуство во судницата. По нејзиното заминување во Бугарија и фактот дека во моментов не им е достапна на надлежните органи, донесена е одлука постапката да продолжи со судење во отсуство.

Од Основното јавно обвинителство во Кочани информираат дека решението е донесено по нивен предлог, а се однесува на обвинетата И. М., против која се води постапка за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.

„По предлог на Основното јавно обвинителство Кочани, донесено е решение на И. М., обвинета за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, да ѝ се суди во отсуство, бидејќи таа не е достапна на државните органи“, соопштија од Обвинителството.

Следното судско рочиште е закажано за 9 ноември 2026 година, со почеток во 9 часот.

Михаилова ја напуштила Македонија на 11 октомври 2026 година, по што заминала во Софија, Бугарија. Таа поседува и бугарско државјанство, а во Македонија е обвинета во судска постапка поврзана со сообраќајна несреќа во која имало смртни последици.

По нејзиното заминување од земјава, по неа е распишана централна и меѓународна потерница. Во меѓувреме, Основниот суд во Кочани ѝ одредил притвор во траење од 30 дена.

Претходно, на Михаилова ѝ биле изречени мерки на претпазливост, а ѝ биле одземени и патните документи. И покрај тие мерки, таа ја напуштила државата, по што надлежните институции презеле чекори за нејзино пронаоѓање.

Со донесеното решение, судската постапка ќе продолжи иако обвинетата не е присутна, а следното рочиште е закажано за почетокот на ноември.