Владата на денешната седница донесе одлука за намалување на цените на училишниот прибор, со цел да им се олеснат трошоците на семејствата пред почетокот на новата учебна година.
Мерката ќе стапи во сила по објавувањето во „Службен весник“ и ќе важи до 30 септември 2026 година.
Според одлуката, трговците на големо ќе треба да ги намалат цените за најмалку 10 отсто, додека во малопродажбата училишниот прибор ќе треба да биде поевтин за најмалку 15 отсто.
Намалувањето опфаќа голем број производи што секојдневно им се потребни на учениците: ранци и училишни ташни, тетратки, блокови, моливи, пенкала, боици, фломастери, текст-маркери, пластелин, темперни, акрилни и водени бои, четки, линијари и дидактички материјали.
Со мерката се опфатени и гуми за бришење, острилки, детски ножици, футроли, лепила, шестари, дигитрони, украсна хартија, папки, картонски ташни и други материјали за училиште.
Трговците ќе имаат и обврска јасно да го прикажат намалувањето. Покрај новата цена, на производите ќе треба да биде истакната и цената што важела на 1 јуни 2026 година, која ќе служи како основа за пресметување на попустот.
Целта на мерката е да се намали финансискиот товар врз родителите во периодот кога семејните трошоци значително се зголемуваат поради подготовките за новата учебна година.










