Новата учебна 2026/2027 година носи значителни промени во македонскиот образовен систем. Поради намалениот број ученици, низ државата ќе има околу 300 паралелки помалку, додека 26 рурални училишта во кои годинава нема запишано ниту едно прваче се очекува природно да престанат со работа.
Од вкупното намалување, околу 200 паралелки се во основното, а 100 во средното образование.
Според министерката за образование и наука Весна Јаневска, досега се запишани околу 14.500 првачиња. Бројката сè уште не е конечна бидејќи уписите продолжуваат до крајот на септември.
Податоците, сепак, укажуваат на сериозен демографски проблем. Генерацијата што годинава тргнува во прво одделение е родена во 2020 година, кога биле регистрирани 19.031 живородени деца. Разликата изнесува околу 4.500 деца, а како фактори се посочуваат намалениот наталитет, иселувањето и школувањето на деца во странство.
Од МОН објаснуваат дека намалувањето на паралелките е дел и од процесот на оптимизација. Наместо мал број ученици да учат во комбинирани паралелки, планот е, каде што условите дозволуваат, тие да бидат префрлени во поголеми централни училишта.
Истовремено, се посочува дека наставниците вработени на неопределено време нема да останат без работа. Дел од кадарот треба да биде пренасочен кон проширување на целодневната настава, со можност учениците да остануваат во училиштата до 16 часот.
Учебниците за новата учебна година, според информациите од Министерството, веќе се дистрибуирани до училиштата.










