ПРВ.мк
Македонија

СНИМААТ СÈ ЗА ИНСТАГРАМ: Млади во Скопје ризикуваат животи, МВР почнува постапка

СНИМААТ СÈ ЗА ИНСТАГРАМ: Млади во Скопје ризикуваат животи, МВР почнува постапка

Опасни видеоснимки објавени на Инстаграм предизвикаа загриженост откако на нив се гледаат млади лица како влегуваат во туѓи и необезбедени објекти и се искачуваат на високи и ризични конструкции низ Скопје.

Содржините се објавуваат на Инстаграм-профилот „zycx_urbex“, посветен на таканаречено „урбано истражување“. На дел од снимките се гледаат две млади лица кои пристапуваат до простори што не се наменети за јавноста, а забележани се и дејствија поврзани со катанци и друга опрема за обезбедување на објектите.

Случајот бил пријавен во Министерството за внатрешни работи од редакцијата на 4news.mk, која до надлежните доставила и материјали од објавените содржини.

Од Секторот за компјутерски криминал при МВР соопштиле дека претходно не биле запознаени со профилот, но дека по добиената пријава ќе започнат постапка за откривање на лицата поврзани со снимките.

„Од страна на Секторот за компјутерски криминал ќе биде започната постапка за откривање на сторителите“, се наведува во одговорот од МВР.

Освен можните правни последици, ваквите активности носат сериозен ризик од повреди. Движењето по покриви, високи конструкции и други необезбедени места може да заврши со пад и тешки последици.

Дополнителна загриженост предизвикува можноста ваквите видеа да поттикнат и други млади лица да ги повторуваат истите постапки во обид да привлечат внимание и прегледи на социјалните мрежи.

Сега се очекува истрагата на МВР да утврди кои се лицата на снимките, што точно се случувало на локациите и дали постојат елементи за понатамошно постапување.