Авион на швајцарската авиокомпанија „Swiss“, кој летал од Чикаго кон Цирих, морал вонредно да слета на Азорските Острови откако во кабината бил почувствуван необичен хемиски мирис.
Во авионот „Боинг 777“ се наоѓале вкупно 238 лица – 222 патници и 16 членови на екипажот, потврдил оперативниот директор на компанијата, Оливер Бухофер.
Инцидентот се случил додека авионот го прелетувал Атлантскиот Океан. Откако бил забележан необичниот мирис, екипажот испратил повик за помош и донел одлука летот да биде пренасочен кон Азорските Острови.
Авионот безбедно слетал, а според досега достапните информации нема повредени меѓу патниците и членовите на екипажот.
Од „Swiss“ засега не откриле за каков хемиски мирис станувало збор, ниту што можело да го предизвика. Причината за инцидентот дополнително ќе се истражува.
Компанијата започнала со организација за транспорт на патниците кои по непланираното слетување останале на Азорските Острови. Најавено е испраќање друг авион кој треба да ги преземе и да ги однесе во Швајцарија.







