Истражувањето на ПРИЗМА отвора вознемирувачка слика за Илија Стефановски, човекот кој брутално ги уби Росица Коцева и нејзиниот татко во Велес, а потоа си го одзеде животот. Сведоштвата на 15 лица кои лично го познавале го прикажуваат како сериски насилник со двоен живот – насмеан, активен во урбаните кругови, присутен на социјалните мрежи и во јавноста, но во сенка – деструктивен, опсесивен и опасен.
Стефановски бил човек што се движел меѓу модните настани и скејтерската сцена, човек со бизниси во Дебар Маало и спроти Соборниот храм. Познат како „кул тип со тетоважи и љубов кон животни“, тој градел имиџ на уметник и претприемач, додека во приватност бил агресивен и насилен кон своите партнерки и блиски соработници.
По трагичниот настан, јавноста беше потресена, а протестите и дебатите повторно ја отворија болната тема за родово базираното насилство. Случајот со Росица го урна митот дека ваквите трагедии се случуваат само во конзервативни средини – токму спротивното, ова злосторство ја разоткри длабоката присутност на насилството и во урбаните кругови, зад фасадата на „современиот живот“.
Според податоците, дури четири негови поранешни партнерки го пријавиле за насилство, но институциите не реагирале навреме. Една скопјанка сведочи дека некои жртви се плашеле да пријават, бидејќи „знаеле како завршиле другите“. Додека некои пријатели се обидувале да го изолираат, други – несвесни за неговата вистинска природа – продолжувале да го сметаат за „талентиран алтернативец“.
Двојниот живот на насилникот Неговиот јавен лик бил совршено испланиран. Студирал архитектура, работел во филмско студио, отворал продавници и кафулиња. Се поврзувал со познати луѓе, организирал настани, дури и одржувал работилница на феминистички собир. На социјалните мрежи се претставувал како успешен уметник кој патува и живее луксузно, додека истовремено неговите жртви се бореле со страв и трауми.
Некои од жените со кои бил во врска сведочат за садистички испади и морбидни фантазии – како идејата да ја затвори девојка во терариум со својата змија и да ја фотографира. Една од нив опишува како Стефановски претепал свое куче „како да се бори со човек“.
По секоја врска, следело прогонување – закани, хакирани профили, испраќање интимни снимки до семејства и професори на девојките. Овие шокантни сведоштва покажуваат дека неговото насилство не било изолиран инцидент, туку систематски модел кој траел повеќе од една деценија.
Конфликти, долгови и пад на „совршениот“ имиџ Дури и во бизнисот, неговото деструктивно однесување било очигледно. Емилија Мишева, соработничка во продавницата „Ерор колектив“, раскажува дека ја нападнал физички и дека по тоа сфатила дека соработката со него била „голема грешка“. По затворањето на продавницата, Стефановски продолжил со нов проект – скејтшоп-кафулето „Платформ“, каде што, според сведоци, повторно покажувал бездушност и насилни избувнувања.
Поранешни вработени зборуваат за случаи во кои тој не помогнал на човек што се предозирал во кафулето, единствено загрижен „да не поврати во локалот“. Други сведочат дека се однесувал агресивно кога ќе му се спротивставеле, отпуштајќи луѓе без причина.
Во скејтерските кругови, многумина го паметат како манипулативен човек што користел помлади момчиња и девојки за свои интереси. Неколку пријатели сведочат дека го виделе како тепа девојка, а други дека дистрибуирал интимни снимки од поранешни партнерки. Тие, згрозени од неговото однесување, се обиделе јавно да предупредат уште во 2019 година – но нивниот глас бил игнориран.
Институционалниот мрак што убива повторно и повторно Случајот со Стефановски е уште една потврда дека институциите повторно потфрлиле. Како и во бројни други случаи, и овде жртвата повеќепати барала помош – без резултат.
Паралелите со убиството на Танкица Младеновска од Кочани се болни и очигледни. И двете жени – различни по социјален статус и животен стил – се убиени од мажи кои биле пријавени, но несанкционирани. И повторно, по убиството, следуваат дисциплински постапки против полицајци – премалку, премногу доцна.
Овие трагедии откриваат сурова вистина: без системска, брза и решителна реакција на институциите, предупредувањата остануваат залудни, а насилството продолжува да одзема животи.
Македонија повторно се соочува со истото прашање – колку уште „нови Танкици и Росици“ треба да има пред државата конечно да застане на страната на жртвите?
Не дознавај последен - читај ПРВ.мк