ПРВ.мк
Македонија

Притвор и куќен притвор за осомничените во случајот лихварство и перење пари!

Притвор и куќен притвор за осомничените во случајот лихварство и перење пари!

Основниот кривичен суд – Скопје денеска донесе мерки притвор и куќен притвор за 12 лица осомничени за лихварство и перење пари. Според информациите од судот, осуммина од нив ќе останат во притвор, три лица ќе бидат под куќен притвор, додека за едно лице кое се уште се бара е исто така определена мерка притвор.

Министерството за внатрешни работи (МВР) претходно денеска објави дека се уапсени 11 лица поврзани со овој криминален случај, додека по едно лице сè уште се трага.

Во координација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР изврши претреси на повеќе локации во Скопје и приведоа 11 лица.

Во кривичната пријава, МВР наведува дека против Б.К. (35), кој моментално е недостапен, како и против веќе приведените Љ.Љ. (29), Д.В. (29), А.Т. (29), Д.Љ. (32), М.В. (25), М.Н. (36), А.Т. (32) и З.А. (42), постои основано сомнение дека како соизвршители или помагачи сториле кривични дела лихварство и перење пари. Дополнително, М.К. (73), П.К. (41) и Г.С. (46) се осомничени за перење пари и други приходи од казниво дело.

Од МВР појаснуваат дека деветмина од осомничените од почетокот на 2022 година организирале криминална група која се занимавала со давање пари на заем под несразмерно високи камати. Лицата користеле финансиска состојба на оштетените, им позајмувале пари со камати од 5% месечно, како и дополнителни 15% казнена камата за задоцнување.

Кога должниците не можеле да ги вратат парите, осомничените барале предавање или оптоварување на нивниот имот, кој потоа го пренесувале на некое од осомничените лица. Исплатата се вршела директно или преку банкарски трансакции од сметките на оштетените на сметките на осомничените.

Паричните средства кои биле враќани во несразмерни износи, осомничените ги внесувале на своите сметки или ги чувале во сефови, а потоа ги „переиле“ преку легални финансиски текови. Според МВР, дванаесетмината осомничени и едно правно лице како организирана криминална група стекнале противправна имотна корист во вредност од 125.033.527 денари од лихварство.

Парите биле користени за разни трансакции, дел од нив биле повлечени во готовина, а дел вложувани во купување недвижен и движен имот. Осомничените живееле луксузно, користејќи дел од нелегално стекнатите средства за лични потреби.

Не дознавај последен- читај ПРВ.мк

Escape