Државната изборна комисија денеска донесе конечна одлука да ги одбие сите 57 приговори што беа поднесени во врска со првиот круг од локалните избори. Од нив, 37 приговори се однесуваа на начинот на утврдување и сумирање на изборните резултати, додека останатите 20 беа поврзани со постапката на гласањето.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, на 149. седница на Комисијата истакна дека по темелно разгледување, сите приговори биле одбиени како неосновани — некои од нив биле повлечени од подносителите, додека други биле отфрлени поради недозволеност.
Тој нагласи дека решенијата за овие приговори ќе бидат оформени согласно законските рокови, а подносителите имаат право на жалба пред Управниот суд како второстепена правна заштита.
Кондарко дополнително објасни дека, откако Управниот суд ќе ги разгледа овие жалби, ДИК ќе ги објави конечните резултати во општините каде што имало приговори. Во моментот, резултатите во 11 општини се уште не се конечни поради поднесените жалби. Овие општини се: Арачиново, Богданци, Босилово, Бутел, Велес, Гази Баба, Кривогаштани, Прилеп, Ресен, Чаир и Чашка.
За останатите 33 општини каде што нема поднесено приговори, ДИК денеска ги објави конечните резултати од првиот круг на изборите за градоначалници. Меѓу нив се: Берово, Битола, Василево, Вевчани, Гевгелија, Ѓорче Петров, Градско, Делчево, Демир Хисар, Желино, Зелениково, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Кратово, Крива Паланка, Липково, Новаци, Ново Село, Охрид, Петровец, Пехчево, Пласаница, Радовиш, Сарај, Свети Николе, Сопиште, Старо Нагоричане, Струмица, Теараце и Штип.
Во однос на изборите за советници, во 64 општини не беа поднесени никакви приговори, па таму резултатите од првиот круг се завршени и конечни. Тие општини вклучуваат, меѓу другите, Арачиново, Центар Жупа, Маврово Ростуше, Град Скопје, Берово, Битола, Валандово, Делчево, Кочани, Куманово, Охрид, Струга, Тетово и Штип.
Сепак, за изборните листи за советници во 17 општини биле поднесени приговори, кои денеска биле разгледани од страна на ДИК. Овие општини се: Шуто Оризари, Босилово, Прилеп, Гази Баба, Чашка, Аеродром, Долнени, Ресен, Бутел, Гостивар, Кривогоштани, Богданци, Чаир, Велес, Виница, Карпош и Кичево.
Не дознавај последен- читај ПРВ.мк