Нов бран поскапувања се најавува во Македонија, а од понеделник, 16 ноември, се очекува зголемување на цените на дел од лебот, како и на други производи што граѓаните секојдневно ги купуваат.
Според информациите на 24инфо.мк, еден од најголемите производители на леб во земјава од следната недела ќе ги зголеми набавните цени на дел од своите производи за два до четири денари.
Засега не е познато дали и останатите производители ќе го следат овој пример, ниту колку точно ќе се зголемат малопродажните цени во маркетите.
Покрај лебот, се најавува и поскапување на јајцата за околу пет до седум денари, во зависност од производителот и пакувањето.
Во меѓувреме, дел од цигарите веќе се продаваат по цени повисоки за 10 денари по кутија, додека кај одредени видови пиво е забележано поскапување од три до пет денари.
Новите ценовни промени доаѓаат непосредно пред почетокот на зимскиот период, кога домаќинствата традиционално се соочуваат со поголеми трошоци за електрична енергија и греење.
Дополнителна неизвесност создаваат и најавите за можни поскапувања на струјата и парното.
Останува отворено прашањето дали во наредниот период ќе поскапат и други основни прехранбени производи, како месото, млекото и млечните производи.
Според најновите податоци од Државниот завод за статистика, годишната инфлација во Македонија изнесува 3,3 проценти.
Доколку најавените поскапувања се реализираат, граѓаните ќе се соочат со дополнително зголемување на секојдневните трошоци.










