Министерот за здравство Сашо Клековски се обрати на Втората годишна научна конференција за геријатриска и палијативна медицина, каде што ја нагласи потребата од посилен систем за долгорочна и палијативна грижа во земјава.
Клековски посочи дека со стареењето на населението и зголемувањето на бројот на лица кои подолго живеат со хронични заболувања, расте и потребата од долгорочна здравствена грижа.
Тој се повика и на анализа од 2019 година, според која само околу 10 проценти од онколошките пациенти добиле палијативна нега.
Министерот потсети дека долгорочната грижа е еден од петте приоритети во Стратегијата за здравство 2021–2030, но оцени дека е потребно многу поинтензивно спроведување на конкретни мерки.
„Време е за промена. Време е за акција“, порача Клековски.
Според него, Министерството работи на воспоставување повеќе модели на долгорочна грижа, како и на создавање подобри услови за инвестиции и развој во геријатријата и палијативната медицина.
Целта е пациентите со хронични и тешки заболувања, како и повозрасните лица, да добијат посоодветна и поконтинуирана грижа во согласност со нивните потреби.
Конференцијата е организирана од Специјалната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ – Скопје.
Клековски им честиташе на организаторите и на прим. д-р Ленче Нелоска за посветеноста во развојот на оваа област.










