ПРВ.мк
Македонија

СВЕТСКИ ДЕН НА ДИЈАБЕТЕСОТ: Над 141.000 регистрирани пациенти во Македонија, раното откривање може да спаси животи

СВЕТСКИ ДЕН НА ДИЈАБЕТЕСОТ: Над 141.000 регистрирани пациенти во Македонија, раното откривање може да спаси животи

Во Македонија се регистрирани вкупно 141.891 лице со дијабетес, а само во текот на 2025 година биле евидентирани 6.614 новодијагностицирани случаи, покажуваат податоците од Националниот регистар на Институтот за јавно здравје.

Податоците се објавени по повод 14 ноември, Светскиот ден на дијабетесот, кој годинава се одбележува под мотото „Рано дејствување против дијабетесот“.

Од вкупниот број регистрирани пациенти, 78.663 се жени, а 63.228 се мажи.

Најзастапен е дијабетесот тип 2, со 134.918 регистрирани пациенти, што претставува 95,09 проценти од сите евидентирани случаи.

Од Светската здравствена организација предупредуваат дека повеќе од 40 проценти од луѓето со дијабетес во светот не знаат дека ја имаат болеста.

Особено загрижувачки е што дијабетесот тип 2 може да се развива постепено, без изразени симптоми.

Меѓу најчестите предупредувачки знаци се зголемена жед, често мокрење, постојан замор, заматен вид и ненамерно губење на телесната тежина.

Доколку не се открие и контролира навреме, дијабетесот може да предизвика сериозни здравствени компликации, вклучително оштетување на бубрезите, видот, нервите и крвните садови, како и зголемен ризик од срцев и мозочен удар.

Институтот за јавно здравје препорачува редовни превентивни прегледи, особено кај лицата над 45 години и граѓаните со зголемен ризик.

Здравата исхрана, физичката активност, одржувањето соодветна телесна тежина и избегнувањето пушење можат значително да помогнат во спречување или одложување на дијабетесот тип 2.

Навремената дијагноза, соодветната терапија и редовните контроли се клучни за спречување тешки компликации и подобар квалитет на животот.