ПРВ.мк
Македонија

АХВ започна голема акција за заштита на сточниот фонд – обезбедени 400.000 вакцини против сипаници

АХВ започна голема акција за заштита на сточниот фонд – обезбедени 400.000 вакцини против сипаници

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) започна со дистрибуција на 400.000 дози вакцини против сипаници кај овците и козите, со што започнува важна фаза од националната кампања за заштита на сточниот фонд и поддршка на домашните сточари.

Вакцините се обезбедени како донација од Европската Унија, а нивниот квалитет, микробиолошка исправност и јачина се потврдени преку лабораториски испитувања на Факултетот за ветеринарна медицина.

Според планот одобрен од Европската Унија, вакцинацијата на терен се очекува да започне во среда, а предвидено е да бидат опфатени 3.417 стада со вкупно 438.042 овци и кози во сите осум региони во државата.

Активностите ќе се спроведуваат во три фази, со цел да се обезбеди што поголем опфат и соодветна заштита на животните.

Оваа значајна активност се реализира во период кога со Агенцијата раководи новиот директор Јовица Андовски, кој како свои приоритети ги постави ефикасноста, професионалноста, зајакнувањето на контролите и институционалната координација.

Спроведувањето на вакциналната кампања претставува важен чекор во справувањето со болеста, особено имајќи предвид дека од почетокот на годината се регистрирани 115 жаришта.

Со координиран пристап, соработка со ветеринарните друштва и поддршка од европските институции, АХВ продолжува со активности насочени кон заштита на здравјето на животните, намалување на ризиците за сточарите и зачувување на домашното сточарско производство.