ПРВ.мк
Балкан

ДРАМА ВО БЕЛГРАД: Испразнета психијатриската клиника, останало само момчето кое го изврши масакрот во „Рибникар“

ДРАМА ВО БЕЛГРАД: Испразнета психијатриската клиника, останало само момчето кое го изврши масакрот во „Рибникар“

Вистинска драма се одвива во психијатриска клиника во Белград, каде што е сместено момчето кое во 2023 година го изврши масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“.

Според српските медиуми, клиниката практично е испразнета откако биле откриени сериозни оштетувања на објектот, вклучително пукање на темелите, оштетување на водоводните инсталации и слегнување на земјиштето.

Поради проценетата опасност, околу 15 пациенти биле отпуштени или префрлени во други здравствени установи, меѓу кои и психијатриската клиника „Лаза Лазаревиќ“.

Единствено во установата, според неофицијалните информации, останало момчето кое го изврши масакрот во „Рибникар“.

Извори од болницата наведуваат дека засега нема конечно решение за неговото понатамошно сместување, но се очекува да биде пронајдена безбедна алтернатива.

Проблемите започнале пред околу две недели, кога вработените биле известени за дефект на водоводните цевки. Потоа биле забележани пукнатини на дел од темелите и објектот во кој се наоѓа Центарот за аутизам.

За случајот се огласи и српското Министерство за здравство, од каде што соопштија дека одлуката за преместување на пациентите ја донела директорката на клиниката на 13 ноември, врз основа на сопствена проценка за безбедноста.

Министерството нагласи дека немало увид во наодите на приватно ангажираните вештаци и дека, според достапните информации, надлежната градежна инспекција не извршила надзор.

Момчето е сместено во клиниката од мај 2023 година, кога на 13-годишна возраст уби девет ученици и еден училишен чувар.

Бидејќи во моментот на злосторството немало наполнети 14 години, според српските закони не можело кривично да одговара.

Неговиот престој во клиниката претставува здравствено и институционално згрижување, а не издржување затворска казна.