Вознемирувачки случај на пријавено семејно насилство во Битола предизвика реакции во јавноста, откако маж осомничен за физичко и психичко малтретирање на 21-годишна девојка успеал да избега од полициска станица низ отворен прозорец.
Според сведоштвото на мајката на девојката, нејзината ќерка повеќе од една година била изложена на тепање, закани и психичко насилство од својот партнер.
Мајката тврди дека во еден од нападите осомничениот ја давел девојката со голи раце, не дозволувајќи ѝ да дише.
Од МВР потврдуваат дека на 10 ноември, во 23:10 часот, 21-годишна битолчанка пријавила дека истиот ден околу 17 часот била физички нападната од својот партнер К.У.
Според пријавата, тој подолг период физички и психички ја малтретирал и ѝ упатувал закани.
Во моментот на пријавувањето, осомничениот доброволно пристигнал во СВР Битола заедно со свој родител.
Меѓутоа, додека полициските службеници преземале дејствија за негово лишување од слобода, тој успеал да избега низ отворен прозорец од службената просторија.
Полицијата веднаш започнала потрага, а за утврдување на околностите на бегството е вклучена и внатрешната контрола на МВР.
Во меѓувреме, 21-годишната девојка е згрижена во шелтер-центар по проценка на Центарот за социјална работа.
Судското рочиште за изрекување заштитни мерки е одложено за 18 ноември поради неуредна достава и отсуство на пријавениот.
Од Обвинителството информираат дека по добивањето на пријавата веднаш биле дадени насоки за постапување.
Според последните објавени информации, осомничениот сè уште се бара, а надлежните институции продолжуваат со преземање мерки.







