Речиси четири години по мистериозната смрт на 25-годишниот Милош Стаматовиќ од Даниловград, Црна Гора, неговото семејство сè уште не може да се помири со официјалните заклучоци од истрагата.
Младиот поштар исчезнал на 17 декември 2022 година, додека бил на работа и со себе носел околу 15.000 евра наменети за исплата на пензии.
Откако не се вратил од терен, неговите колеги го пријавиле исчезнувањето.
Набргу било пронајдено службеното возило во местото Ботун, но во него имало само меѓу 2.000 и 3.000 евра.
Три дена подоцна, на 20 декември, телото на Милош било пронајдено во реката Морача, со врзани раце.
Обдукцијата утврдила дека причината за смртта е давење, додека истражните органи заклучиле дека не станува збор за убиство, туку за самоубиство.
Сепак, неговото семејство од самиот почеток изразува сомнеж во ваквиот заклучок.
„Како Милош можел сам да си ги врзе рацете?“, е едно од прашањата што ги поставува неговиот татко Цветко Стаматовиќ.
Тој тврди дека во истрагата биле направени сериозни пропусти, вклучително и ненавремено вештачење на автомобилот и постапување со личните предмети на починатиот.
Дополнителни сомнежи кај семејството предизвикале пораките пронајдени во телефонот на Милош.
Според таткото, од нив дознале дека младиот поштар имал долгови и бил изложен на постојани притисоци и закани од лица кои му позајмувале пари со камата.
Семејството верува дека овие околности можеби се поврзани со трагедијата, но таква поврзаност не е официјално утврдена.
Вишото државно обвинителство во април 2023 година заклучило дека нема основано сомнение за кривично дело против животот и телото за кое се гони по службена должност.
Трагедијата дополнително го погодила семејството, бидејќи по смртта на Милош починала и неговата мајка.
Неговиот татко и сестрите и понатаму бараат одговори за околностите под кои починал.






