ПРВ.мк
Црна Хроника

УЖАСНО ОТКРИТИЕ: Под 17 метри ѓубре пронајдени посмртни останки на 33 жртви

УЖАСНО ОТКРИТИЕ: Под 17 метри ѓубре пронајдени посмртни останки на 33 жртви

Повеќе од три децении по падот на Вуковар, Хрватска сè уште трага по 1.725 исчезнати лица од војната, а новите откритија на масовни гробници повторно ги отвораат болните рани на семејствата.

Една од најпотресните локации е депонијата Петровачка Дола во Вуковар, каде што под огромни количини отпад биле откриени човечки посмртни останки.

На длабочина од дури 17 метри, под бетон, азбест и повеќе од 200.000 кубни метри ѓубре, истражителите пронашле останки на 33 идентификувани жртви.

Меѓу нив бил и Стјепан, кого неговата сестра Марија го барала цели 34 години.

„Секој ден ми е во потсвеста. Никој не може да поверува дека луѓе би биле закопани во ѓубре. Толку метри отпад нафрлале врз нив“, раскажала Марија за хрватската Нова ТВ.

Уште една потресна приказна е онаа на Јохана, мајка која од 18 ноември 1991 година трага по својот син, со кого последен пат се разделила во Велепромет.

„Сакам да го пронајдам, да го погребам, па тогаш можам и јас да умрам. Но се плашам дека нема да го дочекам тоа“, изјавила таа.

Екипата на емисијата „Позив“ ги посетила локациите Петровачка Дола, Приљево и Караџиќево, каде што експертите продолжуваат со ископувањата и потрагата по исчезнатите.

Антрополози, судски медицинари и други стручни лица внимателно го пребаруваат теренот, соочувајќи се со големи предизвици при идентификацијата на оштетените посмртни останки.

И по повеќе од три децении, за стотици семејства потрагата не е завршена.

Нивната единствена желба е да ги пронајдат останките на своите најблиски и конечно достоинствено да ги погребаат.