Пожарот што беснее во близина на селото Белица, во општина Македонски Брод, и натаму е активен, а во справувањето со огнената стихија се вклучени повеќе од 60 лица.
На терен се екипи на Дирекцијата за заштита и спасување, како и тимови на ЈП „Јасен“, кои работат на локализирање на пожарот и спречување на неговото понатамошно ширење.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информира дека во акцијата учествуваат тимови од Скопје и Македонски Брод. Според него, во моментов нема опасност за селото Белица, бидејќи огнот се наоѓа на безбедна оддалеченост од населеното место.
Екипите на ДЗС со пинцгауери, заедно со доброволци опремени со дувалки, изработуваат противпожарни појаси на критичните точки. Посебно внимание се посветува на деловите каде што постои ризик пламените јазици да навлезат во квалитетна борова шума.
Состојбата со пожарите на отворено низ Македонија останува сериозна. Според податоците на Центарот за управување со кризи до 13 часот, биле регистрирани вкупно 12 пожари – пет биле активни, пет ставени под контрола, а два изгаснати.
Одредена помош во справувањето со пожарите би можеле да донесат врнежите. Според УХМР, во западните делови од земјата има нестабилност, со поинтензивни врнежи во Кичевскиот регион и северозападните планински предели.









