Управата за јавни приходи ја објави новата септемвриска листа на должници, на која се најдоа вкупно 5.240 правни и физички лица. Нивниот вкупен долг кон државата надминува 13,64 милијарди денари, односно околу 221,8 милиони евра.
На самиот врв се три компании од Скопје. Најголем должник е „Хант осој трејд“, чиј долг надминува 900 милиони денари, или приближно 14,87 милиони евра.
Според податоците на УЈП, компанијата не располага со движен и недвижен имот од кој директно би можел да се наплати долгот. Во тек се други мерки за присилна наплата, меѓу кои и наплата од даночен гарант.
Меѓу најголемите должници се и скопските компании „Окитна трејд“ од Визбегово и „Лисав“. Кај сите три компании обврските се однесуваат на неплатен данок на додадена вредност.
Листата се однесува на долгови што доспеале за плаќање до 31 мај 2026 година, а не биле подмирени ниту до 31 август. Опфатени се обврски по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси за задолжително социјално осигурување, акцизи и царини.
Од вкупно 5.240 должници, 2.008 се правни, а 3.232 се физички лица. Во споредба со претходниот месец, бројот е зголемен за две фирми и 38 физички лица.
Истовремено, пораснал и вкупниот долг – за околу 7,3 милиони евра за само еден месец. Најголемиот дел од обврските, околу 218,8 милиони евра, се однесуваат на неплатени даноци и придонеси.








