ПРВ.мк
Македонија

Драма кај Желино: Помошник-директор од Царина фатен со 17.500 евра, удрил полицаец и се обидел да избега

Драма кај Желино: Помошник-директор од Царина фатен со 17.500 евра, удрил полицаец и се обидел да избега

Помошник-директор во Царинската управа е осомничен дека примил 17.500 евра поткуп, а при обидот на полицијата да го запре кај Желино, според МВР, се обидел да избега и притоа удрил полициски службеник и службено возило.

Станува збор за 63-годишниот Џ.И. од Шипковица, Тетовско, кој бил лишен од слобода на 10 септември на автопатот Скопје–Тетово. Против него е поднесена кривична пријава за „примање поткуп“ и „примање награда за противзаконито влијание“.

Според истрагата, во периодот од април до септември годинава тој во повеќе наврати побарал вкупно 17.500 евра од граѓанин кој го пријавил случајот.

Од сумата, 7.500 евра биле поврзани со веќе склучен договор за јавна набавка за потребите на Царинската управа. Според МВР, парите биле побарани за договорот да продолжи да се реализира без пречки и без ризик од раскинување.

Дополнителни 10.000 евра, според сомненијата, биле побарани за користење влијание во друга постапка за јавна набавка, со намера да се влијае врз критериумите во техничката спецификација во корист на одредено правно лице.

На 10 септември, на претходно договорена средба, осомничениот го примил целиот износ од 17.500 евра и се упатил кон Тетово.

Кај клучката Желино полицијата се обидела да го запре, но тој, според МВР, не застанал. Со автомобилот удрил полициски службеник и службено возило, по што продолжил да бега.

За време на бегството, низ прозорецот од совозачката страна исфрлил машка ташна во која се наоѓале парите. По кратко време полицијата успеала да го запре и да го лиши од слобода.