Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) упати апел до граѓаните да бидат особено внимателни во периодот од 1 до 7 август, кога според прогнозите на Управата за хидрометеоролошки работи се очекуваат екстремно високи температури низ целата земја.
Од ИЈЗ предупредуваат дека високите температури можат сериозно да го загрозат здравјето, особено кога воздухот се приближува или ја надминува нормалната телесна температура. Во такви услови организмот потешко се разладува, а зголемената влажност дополнително го отежнува испарувањето на потта.
Меѓу најчестите симптоми на топлотен стрес се слабост, вртоглавица, сува уста, главоболка, гадење, прекумерно потење и мускулни грчеви. Во потешки случаи може да се јават конфузија, губење на свеста, забрзана работа на срцето, престанок на потење и топлотен удар, кој бара итна медицинска интервенција.
Најголем ризик има кај лицата постари од 60 години, малите деца, бремените жени, хронично болните, работниците на отворено и социјално ранливите категории.
ИЈЗ препорачува граѓаните да избегнуваат престој на директно сонце во периодот од 11 до 17 часот, да носат лесна и светла облека, капа и очила за сонце, како и да престојуваат во климатизирани или разладени простории кога е тоа можно.
Посебен акцент се става и на редовната хидратација. Водата треба да се пие во текот на целиот ден, без да се чека чувство на жед, а се препорачува да се избегнуваат алкохолот, пијалаците со кофеин и многу ладните напитоци. Исто така, се советува полесна исхрана со помалку масна и калорична храна.
Лицата со хронични заболувања треба редовно да ја земаат препишаната терапија и при какви било промени во здравствената состојба да се консултираат со својот матичен лекар.
Доколку некое лице почувствува силна слабост, вртоглавица, интензивна жед, главоболка или мускулни грчеви, потребно е веднаш да се премести во постудена просторија и постепено да внесува течности. Ако се појават симптоми како топла и сува кожа, конфузија, несвестица или нарушена свест, треба веднаш да се повика Итната медицинска помош на 194 или бројот 112.
Од Институтот апелираат граѓаните доследно да ги почитуваат препораките и да обрнат посебно внимание на заштитата на најранливите категории за време на претстојниот топлотен бран.








