Индонезиските власти уапсија пилот на авиокомпанијата „Малезија ерлајнс“ веднаш по слетувањето на меѓународниот аеродром „Соекарно-Хата“ во Џакарта, под сомнение дека се обидел да прошверцува голема количина наркотични супстанции.
Според истражните органи, случајот бил откриен при рутинска рендгенска контрола на багажот, кога царинските службеници забележале сомнителен куфер на терминалот за меѓународни пристигнувања.
Полицијата соопшти дека куферот го презел 39-годишен малезиски државјанин со иницијали М.С., кој бил пилот на летот MH727 од Куала Лумпур до Џакарта.
Директорот на Одделот за борба против наркотици при Националната агенција за криминал на Индонезија, Еко Хади Сантосо, изјави дека постои сомнение оти пилотот бил на должност под дејство на дрога.
При деталниот претрес на багажот биле пронајдени 14 пакети со повеќе од 70.000 таблети екстази, со вкупна тежина поголема од 26 килограми, како и дополнителен пакет со метамфетамин.
Осомничениот веднаш бил приведен, а случајот го презеле специјализираните истражители за наркотици. На прес-конференција одржана на аеродромот, властите ги презентираа запленетите наркотични супстанции и најавија дека истрагата продолжува со цел да се открие целата криминална мрежа што стои зад случајот.






