ПРВ.мк
Македонија

Лекарите предупредуваат: Не чекајте да ожедните – ова може да ве спаси за време на жештините

Лекарите предупредуваат: Не чекајте да ожедните – ова може да ве спаси за време на жештините

За време на екстремно високите температури, чувството на жед не треба да биде сигнал дека е време за вода. Според експертите, кога ќе почувствувате жед, организмот веќе почнал да губи значителна количина течности, што го зголемува ризикот од дехидратација, исцрпеност и топлотен удар.

Стручњаците препорачуваат водата да се пие во помали количини, но редовно во текот на целиот ден. Добра навика е да се започне денот со чаша вода, а потоа течности да се внесуваат со оброците и пред, за време и по физичка активност. Луѓето кои често забораваат да пијат вода можат да користат потсетници на мобилниот телефон.

Потребите за течности се разликуваат од човек до човек и зависат од возраста, телесната тежина, здравствената состојба, физичката активност и временските услови. Вообичаено, жените треба да внесуваат околу девет, а мажите околу 13 чаши течности дневно, но за време на топлотен бран овие потреби можат да бидат значително поголеми.

Еден од најлесните начини да проверите дали сте доволно хидрирани е бојата на урината. Светложолтата боја најчесто укажува на добра хидратација, додека темната урина, сувата уста, главоболката, заморот, вртоглавицата и реткото мокрење се можни знаци на дехидратација.

Покрај водата, дел од потребните течности организмот ги добива и преку храната. Лубеницата, краставиците, доматите, јагодите, портокалите, зелената салата, јогуртот и лесните супи се одличен избор во летните денови бидејќи содржат многу вода и минерали.

Лекарите советуваат да се избегнуваат засладените и газирани пијалаци, како и алкохолот, кој дополнително ја зголемува дехидратацијата. Со потењето организмот губи и важни електролити, па при подолг престој на сонце или интензивна физичка активност може да биде потребен нивен дополнителен внес по препорака на лекар или фармацевт.

Највнимателни треба да бидат малите деца, постарите лица и луѓето со хронични заболувања, бидејќи кај нив ризикот од дехидратација е најголем. Доколку се појават силна вртоглавица, конфузија, забрзана работа на срцето, несвестица или неможност за мокрење, потребно е веднаш да се побара медицинска помош, бидејќи тоа може да биде знак за сериозна дехидратација или топлотен удар.