ПРВ.мк
Македонија

Македонија влегува во пикот на топлотниот бран – лекарите со итен апел до граѓаните

Македонија влегува во пикот на топлотниот бран – лекарите со итен апел до граѓаните

Екипите на Итната медицинска помош во Скопје денеска интервенирале кај зголемен број граѓани кои побарале помош поради здравствени проблеми поврзани со екстремно високите температури.

Од службата велат дека најчести биле случаите на дехидратација, топлотно исцрпување, топлотен удар и срцеви тегоби. Иако не е соопштен точниот број на интервенции, нагласуваат дека горештините значително го зголемиле обемот на работа на медицинските тимови.

Најризични се повозрасните лица, хронично болните, пациентите со кардиоваскуларни заболувања, како и оние кои подолго време работат или престојуваат на отворено. Сепак, лекарите предупредуваат дека сериозни последици можат да се појават и кај млади и здрави луѓе доколку се изложени на сонце, физички напор и недоволен внес на течности.

Според прогнозите на УХМР, топлотниот бран ќе продолжи и во наредните денови, а температурите во одредени делови од земјата ќе достигнат и до 42 степени.

Институтот за јавно здравје предупредува дека првите знаци на дехидратација се силна жед, сува уста, темна урина, главоболка, вртоглавица и малаксаност. Доколку се појават конфузија, несвестица, многу топла кожа, забрзано дишење или губење на свеста, можно е да станува збор за топлотен удар, кој бара итна медицинска интервенција.

Лекарите советуваат граѓаните редовно да внесуваат вода, без да чекаат да почувствуваат жед, да избегнуваат алкохол и засладени пијалаци и да не престојуваат на директно сонце во периодот од 11 до 17 часот. При излегување се препорачува лесна и светла облека, капа и очила за сонце, а работниците на отворено да прават почести паузи и да имаат пристап до разладени простории.

Од Итната медицинска помош апелираат симптомите како вртоглавица, гадење, силна слабост и главоболка да не се игнорираат, бидејќи можат брзо да прераснат во состојба опасна по живот доколку изложеноста на високите температури продолжи.