До 18:00 часот денеска, низ Македонија биле евидентирани вкупно 12 пожари на отворен простор. Според најновите информации, три пожари сè уште се активни, додека девет се целосно изгаснати.
Во моментов пожарникарите интервенираат на три локации. Активен пожар има на градската депонија во Делчево, кај депонијата во Валандово каде што е зафатена нискостеблеста шума, како и во струшкото село Делогожда, каде што гори депонија и ниска вегетација.
Во текот на денот успешно биле локализирани и изгаснати девет пожари. Интервенции имало во општините Лозово, Липково, Тетово, Желино, Ресен, Валандово, Градско и Чучер-Сандево, каде што гореле стрништа, ниска вегетација, ѓубришта, овоштарник и стара куќа.
Надлежните продолжуваат да ја следат состојбата на терен и апелираат до граѓаните да бидат крајно внимателни, бидејќи високите температури и сувото време значително го зголемуваат ризикот од појава и брзо ширење на пожари.








