Потрагата по 27-годишната Русинка Људмила Туркова Константиновна, која исчезна на 25 јули во белградската општина Палилула, заврши трагично. Српските медиуми објавија дека нејзиното безживотно тело било пронајдено во куфер фрлен во канал во населбата Падинска Скела.
По нејзиното исчезнување, семејството и пријателите преку социјалните мрежи со денови бараа помош за пронаоѓање на младата жена. Според нив, последниот контакт со Људмила бил вечерта на 25 јули, кога околу 23:15 часот испратила порака, по што ѝ се изгубила секоја трага.
Телото било откриено за време на полициската потрага, откако полициско куче го лоцирало куферот во каналот. На местото веднаш пристигнале инспектори и форензичари, кои извршиле увид и започнале истрага.
Во врска со случајот е приведен турски државјанин, кој, според српските медиуми, бил уапсен додека се обидувал да ја напушти Србија. Надлежните институции работат на целосно расчистување на случајот и утврдување на мотивот за убиството.
Пријателка на Људмила, која претходно ги координираше апелите за нејзино пронаоѓање, потврди дека потрагата е прекината по трагичниот исход и дека сите официјални информации ќе бидат соопштени од истражните органи.






