Грција бележи нов пораст на случаи на Западнонилска треска, а здравствените власти предупредуваат дека активноста на комарците во летниот период го зголемува ризикот од ширење на вирусот.
Според најновите податоци на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), од почетокот на годината се потврдени 42 случаи на инфекција, додека четири лица го загубиле животот. Сите починати биле постари од 65 години, што уште еднаш покажува дека најголем ризик од тешки компликации имаат повозрасните и хронично болните лица.
Од вкупниот број заразени, кај 37 пациенти се развиле сериозни невролошки компликации, меѓу кои енцефалитис и менингитис, додека кај петмина болеста поминала со поблага клиничка слика.
Здравствените служби забележуваат забрзано ширење на вирусот, бидејќи само во текот на изминатата седмица биле регистрирани 21 нов случај, при што еден од нив е поврзан со патување во земја каде што вирусот е ендемски.
Во моментов, 13 пациенти се лекуваат во болници низ Грција, а петмина се сместени на одделенијата за интензивна нега. Надлежните продолжуваат со засилен епидемиолошки надзор и следење на состојбата.
Вирусот Западен Нил се пренесува преку каснување од заразен комарец. Кај повеќето заразени не се појавуваат симптоми, но кај лицата со ослабен имунитет и постарите лица може да предизвика сериозни невролошки компликации.
Како заштита, експертите препорачуваат употреба на репеленти, носење облека со долги ракави, поставување заштитни мрежи на прозорците и отстранување на застојаната вода околу домовите, каде што комарците најчесто се размножуваат.






