На граничниот премин „Табановце“ продолжуваат проверките на возилата со странски регистарски таблички преку системот „Безбеден град“.
При излез од Македонија, полицијата ги проверува табличките, а системот за само неколку моменти покажува дали со конкретното возило бил регистриран сообраќаен прекршок во претходниот период.
Според информациите, проверките не се однесуваат само на прекршоци направени истиот ден. Во системот се опфатени и претходно евидентирани прекршоци, вклучително и оние направени од 1 февруари 2026 година.
Доколку биде утврден прекршок, возачот се информира за евидентираниот случај и добива прекршочен платен налог, а глобата може да се подмири електронски.
Токму поголемиот број претходно евидентирани прекршоци придонел за дополнителни задржувања на „Табановце“, еден од најфреквентните гранични премини меѓу Македонија и Србија.








