Македонката Милена Богојевска (51) е осудена во Австралија на осум години затвор, од кои шест години ќе мора да ги помине зад решетки пред да добие право на условен отпуст, откако се изјаснила за виновна за убиство од небрежност на нејзината 85-годишна соседка Лолин Вајтхенд.
Случајот се случил во јули 2024 година во Мелбурн. Според информациите изнесени во постапката, Богојевска ја задушила повозрасната жена, по што нејзиното тело го ставила во кеса и го фрлила во реката Марибирнонг.
Телото било пронајдено два дена подоцна од рибар.
Но случајот добил уште пошокантен пресврт. По смртта на соседката, Богојевска од нејзиниот дом украла пари, накит, банкарски картички и лични документи.
Со украдените средства потоа купувала лотариски тикети, ваучери, чевли и iPad-и, а вредноста на купувањата достигнала речиси 4.000 австралиски долари.
Судијката Џасинта Форбс нејзиното однесување го оценила како „опортунистичко, пресметано и себично“.
Богојевска првично била обвинета за убиство, но обвинителството подоцна го прифатило нејзиното изјаснување за виновна за убиство од небрежност.






