Познатата бразилска инфлуенсерка Марта Кели де Оливеира Силва почина на 33-годишна возраст по компликации што се појавиле по естетска операција.
Марта била оперирана на 12 август, а само еден ден подоцна била пуштена од болница. На 14 август нејзината здравствена состојба се влошила, по што била примена во болница во Волта Редонда.
И покрај напорите на лекарите, таа починала неколку дена подоцна на одделението за интензивна нега.
Според странските медиуми, инфлуенсерката наводно била подложена на повеќе естетски процедури, меѓу кои липосукција, корекција на стомакот и вградување импланти во градите. Семејството, сепак, не потврдило кои процедури точно биле направени, ниту каде била извршена операцијата.
Трагичната вест ја потврди нејзиниот сопруг Маркос Винисиус, кој со емотивна порака се прости од жената со која поминал 15 години.
„Марта беше љубовта на мојот живот, мојот најдобар пријател, мојот сопатник и најдобрата сопруга што можев да ја имам“, напиша тој.
Марта зад себе остави три момчиња – Тео, Рави и Филип. На Инстаграм имаше околу 267.000 следбеници, со кои често споделуваше моменти од својот семеен живот.
Нејзиниот сопруг порача дека сега пред него е најтешката задача – да ги одгледа нивните три деца и да се погрижи тие секогаш да знаат која била нивната мајка и колку ги сакала.
Точната причина за компликациите засега не е официјално објавена.








