ФБИ извршил претрес во домот на поранешниот демократски конгресмен Ерик Сволвел, во рамки на истрага поврзана со обвинувања за сексуално вознемирување, пренесува Ројтерс повикувајќи се на извор запознаен со случајот.
Според информациите, агентите на ФБИ го претресле неговиот дом во Вашингтон, а претходно му биле запленети и електронски уреди на меѓународниот аеродром во Сан Франциско.
Сволвел се повлече од Конгресот во април, а се откажа и од трката за гувернер на Калифорнија, откако четири жени изнесоа обвинувања против него. Наводите вклучуваат сексуално вознемирување, сексуален напад и испраќање несакани експлицитни фотографии.
Поранешниот конгресмен ги негира обвинувањата. Тој се извини за, како што ги нарече, „грешките во проценката“, но истовремено порача дека наводите против него се лажни и дека ќе се бори против нив.
Истраги за дел од обвинувањата започнале и локалните власти во Њујорк и Лос Анџелес. Дополнително, американското Министерство за внатрешна безбедност ги проверува наводите дека Сволвел незаконски ангажирал дадилка од Бразил.
Сволвел беше член на Конгресот од 2012 година и стана познат на национално ниво како еден од најгласните критичари на Доналд Трамп. Во 2019 година кратко учествуваше и во трката за претседателската номинација.






