По повеќемесечен застој, единствениот ПЕТ/КТ скенер во Македонија повторно е ставен во функција и од денеска започна со снимање пациенти.
Според министерот за здравство Сашо Клековски, уште првиот ден се закажани девет пациенти, а обезбедена е и потребната количина радиоизотоп за работа на апаратот.
Прекинот создаде сериозен проблем особено за онколошките пациенти, кај кои ПЕТ/КТ дијагностиката е важна за следење на болеста и проценка дали терапијата дава резултати. Дел од пациентите поради долгото чекање биле принудени да бараат снимање во странство или во приватни установи, каде прегледот чини околу 1.300 евра.
Од Министерството најавуваат дека се работи и на обезбедување дополнителни количини радиоизотоп од Софија и Истанбул, со цел скенерот во иднина да може да работи и во сабота.
Планот е бројот на снимања значително да се зголеми. Минатата година биле направени околу 2.700 прегледи, додека целта сега е да се достигнат меѓу 5.000 и 6.000 снимања годишно.
Дополнително се разгледува и можноста за набавка на втора ПЕТ камера, со што би се намалиле листите на чекање.








