Тензиите меѓу Турција и Израел добиваат нова димензија откако турските власти презедоа правен чекор против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Според турскиот министер за правда Акин Гурлек, во Истанбул се води судска постапка против 35 лица поврзани со израелското пресретнување на активистичка флотила која се движела кон Појасот Газа со хуманитарна помош.
Како дел од постапката, турските власти издале меѓународна потерница за Нетанјаху.
Турската страна го товари израелскиот премиер за повеќе тешки дела поврзани со операцијата во меѓународни води, меѓу кои злосторства против човештвото, наводен геноцид, тортура, нанесување повреди, оштетување имот и притворање активисти.
Гурлек порача дека Турција нема да прифати израелските власти да бидат ослободени од одговорност и дека ќе ги користи механизмите што ѝ стојат на располагање според националното и меѓународното право.
Турција и претходно преземаше правни чекори против Нетанјаху и други високи израелски функционери поради војната во Газа.
Од друга страна, Израел категорично ги отфрла обвинувањата за геноцид.






